Макрон: Европа не смее економски да се одвои од Кина

7

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави денеска во Пекинг дека Европа не смее економски да се „одвои“ од Кина. Изјавата е дадена на почетокот на тридневната посета на таа азиска земја.

„Не смееме да се дистанцираме, да се одвоиме од Кина“, рече Макрон пред француската заедница во таа земја, додавајќи дека „трговските односи со Кина треба да продолжат“.

Макрон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пристигнаа во Кина денеска, барајќи да ги обноват врските со важен економски партнер и да разговараат за чувствителни прашања како Украина и економските ризици. Макрон последен пат ја посети Кина во 2019 година, а ова е прва посета на Фон дер Лајен откако таа година стана претседателка на ЕК.

Оттогаш, поради строгите контроли на Кина за пандемијата на коронавирус, сите дипломатски состаноци беа онлајн, а односите со Европа се влошија: прво поради застојот за инвестицискиот договор во 2021 година, а потоа затоа што Пекинг одби да ја осуди Русија за нејзината инвазија врз Украина.