„Медиапул“: Нема позитивни сигнали од Софија, како што вели Заев

34

Бугарскиот портал „Медиапул“ вчера објави дека нема никаков напредок во преговорите со Бугарија. Порталот, повикувајќи се на дипломатски извори, пишува дека тешко дека ќе има позитивна одлука на Советот за општи работи на ЕУ, на 8 декември. Пред два дена македонскиот премиер Зоран Заев изјави дека „Софија и Скопје не се далеку од постигнување договор“, но досега нема такви сигнали од Бугарија, пишува „Медиапул“.

Во текстот насловен како „Блиску ли е договорот меѓу Софија и Скопје и каде ќе се насочи европскиот притисок“ пишува дека Заев за недоразбирањата со Бугарија добива поддршка и од лидерот на ДУИ Али Ахмети.

„Софија очекува Берлин, чие ротирачко претседателство со ЕУ истекува на крајот на годината, да изврши притисок и ЕК да ги прифати бугарските барања, затоа што досега европските очекувања беа насочени само кон Бугарија, што доведе до тоа Македонците да одбиваат да преговараат, така што разговорите се во ќор-сокак“, пишува „Медиапул“.

„Медиапул“ ја пренесува и изјавата на професорот од Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер, кој ја проблематизира бугарската позиција. И во изјавата на копретседавачот на историската комисија од македонска страна Драги Ѓоргиев се вели дека бугарските барања се апсолутно неприфатливи.

Бугарското вето за преговорите на Македонија со ЕУ доби голема поддршка меѓу бугарските граѓани и ревизијата на таа позиција станува се потешка од политичка гледна точка, пишува порталот.