Мендух Тачи: СДСМ губи на анкетите од ВМРО-ДПМНЕ, па е принудена на коалицијата со Беса

10

СДСМ е принудена да коалицира со албанските политички партии затоа што ВМРО-ДПМНЕ е многу подобра на анкетите, изјави Мендух Тачи, претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА) во емисијата „Пресинг“ на косовската телевизија Т7.

За последните политички случувања во земјата, Тачи рече дека се среќава со луѓе кои велат дека гласале за СДСМ затоа што ДУИ ги уништила. Тој вели дека е сигурен дека на овие избори од 12 април, нема пак да се повтори 2016 година кога огромен број на Албанци гласаа за СДСМ.

„Во овие три години состојбата на Албанците е многу влошена, Албанците многу ослабеа економски. Јас сум за коалиција меѓу Македонците и Албанците, но не во оваа форма, затоа што тоа се рефлектира така што ВМРО-ДПМНЕ многу го зголемува гласачкото тело и ако тие освојат 62-63 пратеници и ние не сме важни за владеење. А сите анкети се такви што покажуваат дека СДСМ е многу послаба од ВМРО-ДПМНЕ и оваа коалиција со Беса е направена заради тоа“, рече Тачи.

Тој останува на ставот дека за да коалицира со СДСМ, Заев треба да ги прифата неговите барања – дводомен парламент и само една вицепремиерска позиција, која треба нему да му припадне и која треба да има ингеренции врз финансискиот дел, односно државниот буџет.

Според предлогот, кој воедно е и услов за коалиција на Тачи, долниот дом на парламентот треба да биде дом на националностите, односно нациите каде што било која одлука ќе треба да се донесе со консензус.

Тачи додаде дека сето ова му го пренел и на поранешниот премиер и актуелен претседател на СДСМ, Зоран Заев на средба која што ја имале неодамна при што јасно му потенцирал дека не е подготвен да прифати никаков компромис за ова.