Месиќ: Не би било добро Китаровиќ да добие нов мандат

6

Поранешниот претседател на Хрватска Стјепан Месиќ смета дека не би било добро претседателката на Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ повторно да биде избрана на таа функција.

Како што истакна, таа во целиот свој мандат не направила ништо.

„Таа ги користеше туѓите успеси, на пример на фудбалерите, па таму се претставуваше. Но самата не направи ништо. Даваше недостижни ветувања дека Хрватска ќе биде најпросперитетната и најбогатата држава во Европа и во светот ако гласачите ја изберат неа за претседателка. Таа одржа говори кои често немаат никаква врска со ништо“, изјави Месиќ.

Тој изрази сомнеж дека хрватските гласачи во вториот криг ќе донесат најразумна и најмудра одлука.

„Шкоро најави дека останува во политиката… ако тој остане во политиката, тој не може своите гласачи да ги повика да гласаат за ХДЗ. Бидејќи тоа тогаш би била изгубена битка. Тој мора да ги задржи своите гласачи и на тој терен да ја бара својата гласачка база. Тоа е можноста во вториот круг да се појават пукнатини во политичкиот простор на Грабар-Китаровиќ и да завршат со поместување кон една посмирена, покултурна и подемократска Хрватска“, кажа Месиќ.

Тој истакна и дека смета дека Китаровиќ создавала бариери кон соседна БиХ и дека измислувала дека таа земја претставува опасност.

„Таа едноставно ги промаши европските идеи. Хрватска сега ќе претседава со ЕУ. Тоа би можел да биде моментот да се исправат некои нешта, а таа не може да ги исправи… нејзината политика постигна контраефект кој на сите им штети, не само на оние кои не влегоа во ЕУ, туку и на нас кои влеговме во ЕУ“, истакна Месиќ.