“Минималната плата“ изгласана во Собранието по три дена расправа

14

По три дена расправа на пленарна седница, денеска во Собранието беше изгласан Законот за изменување на законот за минимална плата, која од 1 март ќе изнесува 18.000 денари со тоа што во првта година државата ќе го субвенционира зголемувањето на придонесите кај бизнисите што до сега не го користеле тоа.

Од присутните 95 пратеници, позитивно се изјаснија 90 од нив, додека немаше никој против или воздржан. Главната поента на опозицијата беше тоа што ова законско решение не е гаранција дека скалесто ќе пораснат сите плати, односно дека ќе се изедначат на оние што добивале 15.000 и 18.000 и дека ќе се намали мотивираноста.

„Со предлог законот за измени на Законот за минимална плата, ќе се предвиди нов начин на усогласување, како и финансиска помош за работодавачите, за периодот март-декември 2022 година“, се вели во предлог законот.

Во новиот закон се утврдува дека усогласувањето на минималната плата ќе се врши со по 50 отсто од порастот на просечната плата во земјава и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците на живот за претходната година.

Инаку, како што предвидуваат и самите законски измени, исплатата на оваа зголемена минимална плата ќе почне од април, за платата за март оваа година. Она што е најбитно за газдите, е дека со законските измени за нив се предвидуваат субвенции, но само за делот на придонесите, за периодот од март до декември 2022.