Мицкоски: Бугарија и да го тргне ветото во јуни преговорите со ЕУ нема да почнат зашто ќе има услови во преговарачката рамка

4

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека и доколку Бугарија одлучи во јуни да го тргне ветото за Северна Македонија за одобрување на преговарачката тоа нема да значи старт на преговорите бидејќи во таа рамка ќе има услови, како што е отворање на Уставот.

„Во случајот со Бугарија некако работите како да одат во една безнадежна ситуација. Тука мислам на немањето стратегија од страна на владата и надлежните кои ги водат тие преговори. Она што е важно да го знае македонскиот народ е дека што и да се случи во јуни кога на Европскиот совет ќе се одлучува дали Бугарија ќе го тргне ветото, е дека и најголемото предавство нема да кулминира со отпочнување на преговори. Затоа што ќе има услови во таа преговарачка рамка доколку Владата во Софија се одлучи да се повлече од ветото. А, еден од тие услови е отворање на Уставот“,

рече денеска Мицкоски одговарајќи на прашање дали е оптимист за преговорите со Бугарија.
Меѓутоа, рече тој, ВМРО-ДПМНЕ во парламентот ќе поддржи уставни измени само доколку и бугарскиот парламент изгласа документ дека со вметнувањето на Бугарите во Уставот се затвораат сите отворени прашања.

„За отворање на Уставот се потребни две третини од парламентот. Јас бев прилично јасен и ќе го повторам ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема отворање додека не добиеме јасна гаранција од страна на бугарскиот парламент дека ако се отвори и затвори Уставот тоа значи дека на тој начин се затвораат сите отворени прашања и дека сè додека Македонија не биде дел од ЕУ нема да имаме повеќе дополнителни барања од нашиот источен сосед. Само под тие услови можеме да разговараме. Доколку тоа не го видиме тоа на маса, ако не го видиме тој документ изгласан од бугарскиот парламент, ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да поддржи отворање на Уставот“, изјави Мицкоски.