Мицкоски: Заев нека распише избори ако е убеден во својот висок рејтинг

21

Во интервју за „НетПрес“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски му порача на премиерот Зоран Заев да распише предвремени парламентарни избори, ако е убеден во својот висок рејтинг со кој, според Мицкоски, се фали во медиумите.

„Тогаш да пробаме да се обидеме на локалните избори есенва да организираме истовремено и предвремени парламентарни избори. Тоа е најдобриот тест да покаже Зоран Заев дека тоа што го тврди навистина е така. Претходно велеше дека СДСМ има водство од 6 отсто, па потоа излезе таа телевизија во кој двете партии беа израмнети според рејтингот, иако јас лично бев девалвиран и ставен на маргините на политичката арена во Македонија. Сега, пак, Заев вели дека имаат предност од 4 проценти“, вели Мицкоски.

Тој смета дека за 1-2 седмици доаѓаат различни бројки, и порачува да се охрабрат и да излезат на избори.

„За една-две седмици доаѓаат неколку различни бројки, а кои доаѓаат од СДСМ. Или нека направат заеднички именител на сите нив, па да се знае која е просечната вредност која тие бие ја посакувале, или да се охрабрат и да излезат на избори. Зашто политички е наивно да имате толкава предност, а да не го искористите тоа и да зависите од кревкото мнозинство во парламентот и да стравувате кој пратеник ќе влезе на седница. Нелогично е политичар кој е убеден дека има таква предност да не посакува да ја оствари и преку предвремени избори.“, изјави Мицкоски.