МОН апелира да не се бојкотира наставата, Сојузот на средношколци демантира дека упатил таков повик

5

Сојузот никогаш не организирал ниту, пак, повикал на бојкот поради дигитализацијата на учебниците. Тоа се лажни вести со кои одредени групи манипулираат со јавноста. Нема потреба од такви појави, објавија денеска од Сојузот
Министерството за образование и наука (МОН) апелира до учениците и родителите да продолжат со настава откако дел од медиумите објавија дека ученици од средните училишта се организираат да ја бојкотираат наставата, по најавата за воведувањето на дигитални учебници.

„Бојкотот на наставата значи отпор кон промените кои се креирани согласно времето и ерата на ИТ технологијата во која младите живеат. Од интерес е за сите сегашни и идни генерации на ученици, македонскиот национален образовен систем да се развива, да напредува и фати чекор со трендовите и процесите во современиот образовен свет, меѓу кои е и дигитализацијата на материјалите за учење, што кај нас како промена ќе се случува етапно и во овој момент воопшто не ги засегнува средношколците“,велат од МОН.

Исто така, од МОН упатуваат апел до граѓаните да ги следат само официјалните информации и одговори на прашања и дилеми во врска со Законот за учебници, кои на дневна основа ги дава Министерството и другите институции кои учествуваат во креирањето на промените.

„Сите други извори не се релевантни, а многу често и информациите кои се пласираат особено по социјалните медиуми имаат манипулативен карактер и цел да поттикнат несакани реакции токму од страна на учениците и нивните семејства“,
велат од МОН.

Во меѓувреме стигна демант од Сојузот на средношколци дека се организатори на бојкот на наставата поради дигитализацијата на учебниците.

„Тоа се лажни вести со кои одредени групи манипулираат со јавноста. Сојузот никогаш не организирал ниту, пак, повикал на бојкот поради дигитализацијата на учебниците. Нема потреба од такви појави. Дигитализацијата на учебниците се однесува само на четврто одделение, кои ќе бидат дигитални од септември, а многу години ќе поминат додека отпочне процесот на дигитализирањето на наставните материјали во средното образование“,објавија од Сојузот на средношколци на Фејсбук.

Тие посочуваат дека ваквите повици за бојкот ги манипулираат и им штетат на средношколците и ги повикаа образовните власти да ги оправдаат изостаноците.