Навални префрлен во затворската болница

19

Раководството на затворот каде што Алексеј Навални издржува затворска казна од две и пол години објави дека решиле да го пренесат Навални во затворската болница.

Затворската служба соопшти дека здравјето на опозицискиот политичар е „задоволително“ и дека тој треба да се прегледува секој ден од лекари.

Пријателите на Навални и Западот претходно предупредуваа дека неговата состојба е лоша, дека му се заканува откажување на бубрезите и инфаркт доколку не добие соодветна медицинска помош, како и дека му се влошува видот.

Меѓу другите, околу 70 уметници, писатели и глумци го повикаа рускиот претседател Владимир Путин да му овозможи итна медицинска помош на Алексеј Навални.

Навални од 31 март штрајкува со глад поради лошите затворски услови и ја обвинува затворската управа дека не му дозволува пристап до лекови за дискус хернија. Навални минатата година преживеа труење, поради што беше некое време во кома. Тој за труењето ги обвинува руските власти и безбедносните служби, што тие го негираат.

Беше уапсен во јануари, кога се врати од Германија каде што беше на лекување, и беше осуден на две и пол години затвор под обвинение за измама. Навални тврди дека обвинувањата се политички мотивирани.