Надал: Новак, Роџер и јас имаме фантастична заедничка приказна

11

Рафаел Надал вели дека сите дуели против Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер за него се посебно емотивни поради ривалството создадено во изминатите години.

Рафаел Надал синоќа со 3-1 го победи Новак Ѓоковиќ и се пласираше во полуфиналето на Ролан Гарос.

„Имаме проживеано многу заеднички моменти во минатото, толку пати сме играле еден против друг, па во таа смисла секогаш е посебно да се игра против Новак. На крајот бев малку емотивен бидејќи последните три и пол месеци за мене не беа лесни. Не сакам многу да зборувам за стварите низ кои поминував бидејќи морам да продолжам напред, но не беше забавно. Поради сите тие работи кои ги поминав, а кои ги преживеав благодарение на мојот тим, го прават овој меч уште позначаен“, вели Надал.

„Со Новак сме ги играле најважните мечеви на најважните турнири низ годините и тоа за мене секогаш ќе биде нешто посебно. Ова беше само четвртфинале, не финале, па постои разлика. Но сепак тоа беше класика во голем стил. Новак, Роџер и јас имаме фантастична заедничка приказна која вклучува дуели во круцијални моменти во текот на годините. Тоа ги прави работите посебно емотивни“.

„Секогаш постои дискусија за најголем играч на сите времиња, со најмногу освоени грен слем турнири, но од моја перспектива тоа не е толку важно. Ги остваривме соништата. Испишавме страници историја во овој спорт бидејќи правевме работи кои претходно не биле направени. Па така за мене не е најважно кој ќе заврши со повеќе титули или кој ќе биде ГОАТ бидејќи од моја гледна точка ние сме еднакви. Нема голема разлика па не е важно“.

Рафа веќе неколкупати рече дека овој Ролан Гарос би можело да биде и последен за него поради проблемите со повредите со кои често се соочува.

„Повеќе пати реков дека ова може да ми биде последен Ролан Гарос, и уште тоа го мислам. Не можам да кажам поинаку ако ги погледнам години и проблемите кои ги имам. Имам проблем со стопалото и ако не најдеме начин да го подобриме тоа, тешко дека ќе можам да играм уште долго. Затоа сега уживам во секој ден тука. Не размислувам премногу за тоа што ме чека во иднина. Нормално дека би продолжил да се борам за да најдам решение за тоа, но досега немам најдено“.