Над четири илјади гости го посетија Вински музеј Кавадарци минатата година

4

Над четири илјади гости од земјава и странство го посетија Вински музеј Кавадарци минатата година, информираше денеска во изјава за МИА, директорката Весела Честоева. Биле организирани повеќе од 25 настани поврзани со виното и винската историја, култура и традиција.

Честоева се осврна на активностите што ја одбележаа 2022 година. Покрај другото, меѓународно беа оценувани вина и ракии во организација на Здружението „Винотек“. Во соработка со расадникот „Агрокалем“ и Земјоделско-шумарското училиште се посадија винови лози во дворот на музејот. Се одбележа и денот на винската сорта „станушина“, во организација на здружението „Тиквешки семејни винарии“, а со поддршка од кавадаречката локална самоуправа.

Вински Музеј беше домаќин на првиот фестивал на ракија во организација на Здружението на љубители и мали производители на ракија „Ж’та“, а ги пречека и гостите од винската регата. Се одржаа гурмански викенд со акцент на виното како нераскинлив дел од традицијата и изложба на скулптури од сапун со лаванда и друга диворастечка флора со поетско читање.

– Вински Музеј во 2023 година најавува уште побогата програма за работа со двете подружници, кои со одлука на Советот на општината Кавадарци му се дадени на трајно користење. Тоа се градската винотека и туристичкото информативно биро, информираше Честоева.

Таа појасни дека целта на музејот, винотеката и туристичкото информативно биро, е, промовирање на винскиот туризам и на природните убавини на општината и регионот.