„Направија сметка без крчмар“: Џафери за законските измени за одложување на пописот

28

Попишувањето треба да почне утре, а Џафери вели дека нема одговорност за тајминзите и дека не може да прејудицира со која динамика ќе се носат законските измени за одложување на операцијата
Претседателот Талат Џафери го вратил во Владата предлог-законот за измени на Законот за попис, поради, како што рече, формални пропусти, и очекува во текот на денот да биде вратен во Собранието. Сепак, Џафери на денешната прес-конференција рече дека не може да каже дали за денес ќе биде закажана седница за изгласување на потребата од донесување на законот по скратена постапка.

Џафери најави дека попладнево ќе продолжи координацијата со пратеничките групи, ама нагласи дека тој не може да прејудицира со каква динамика ќе се одвива постапката за донесување на измените на Законот за попис, и покрај тоа што, согласно важечкото решение, статистичката операција треба да почне уште утре. Нагласи и дека не бил повикан на средбата Заев-Мицкоски, иако се потребни законски измени за спроведување на тоа што го договорија.

„Не бев на средбата на која се носеше политички договор за одложување на пописот и немам одговорност за тајминзите. Не може да се прави сметка без крчмар, требаше да се процени дека ќе влеземе во цајтнот. Има соодветни процедури што треба да се поминат. Не можам да прејудицирам како ќе тече и колку ќе трае комисиската расправа и кога законот ќе се врати на пленарна седница, иако се знае дека за овој закон, кој е со европско знаменце, амандманската расправа во комисијата може да трае максимум два дена“, рече Џафери.

Тој, исто така, посочи дека има уште многу закони во Собранието, во различни фази од постапката, што се блокирани. Затоа и, како што рече, денеска свикал вонредна координација.

Слично како и измените на Законот за попис, Џафери им ги вратил на пратениците предлагачи измените во Изборниот законик, кои се однесуваат на набавката на скенери за отпечаток на прст и на договореното пролонгирање на локалните избори, за да се овозможи спроведување на пописот во септември, наместо во април. За овие законски измени, Џафери рече дека се вратени поради технички пропусти.

Премиерот Зоран Заев изјави денеска дека конечниот збор за донесување на измените на Законот за попис го има парламентот.

„Ако нема промена на Законот, тогаш секако дека треба да тече пописот, освен ако парламентот испрати јасен сигнал дека има мнозинство за донесување законски измени, со кои ќе се смени и терминот за спроведување на пописот. Во тој дел веќе е испратена порака дека имаме и повеќе од двотретинско мнозинство“, рече Заев коментирајќи ја изјавата на Џафери дека не се согласува со одложување на пописот.