Научна студија во Франција: Ковид-19 е, речиси, трипати посмртоносен од сезонскиот грип

21

По една година од почетокот на пандемијата е јасно е дека новиот коронавирус е посмртоносен од сезонскиот грип, се наведува во научна студија објавена денеска која ги открива опасностите од ковид-19 чија смртност е, речиси, трипати поголема.

Истражувачите споредиле податоци на 89.530 пациенти примени в болница со коронавирус, во март и во април оваа година, со 45.819 пациенти кои биле хоспитализирани поради сезонски грип, во периодот меѓу декември во 2018 година и крајот на февруари во 2019 година.

Вкупно 16,9 отсто од пациентите со коронавирус починале во овој период, кога бил првиот бран на епидемијата во Европа, а лекарите имале малку медикаменти за лекување на сериозно болните.

Кетрин Квантин, професор од Универзитетската болница во Дижон и Францускиот национален Институт за здравство ИНСЕРМ, кој, исто така, учествувал во студијата, коментира дека разликата во смртноста е „особено поразителна”, бидејќи сезоната на грип 2018/2019 е најсмртоносна во Франција во последните пет години.

Истражувачите откриле дека повеќе пациенти со коронавирус морале да бидат примени на одделот за интензивна нега (16,3 проценти) во споредба со 10,8 отсто со грип, додека просечниот престој на интензивна нега е, речиси, двапати подолг (15 дена во споредба со осум дена за грип).

Студијата, исто така, откри дека многу помалку деца на возраст под 18 години биле хоспитализирани со коронавирус во споредба со грипот (1,4 отсто во споредба со 19,5 проценти).