Најмалку 54 загинати во силниот циклон во Мјанмар

1

Најмалку 54 луѓе загинаа, а повеќе од 185.000 згради се оштетени во Мјанмар во силниот циклон што ја погоди земјата минатиот викенд, објави денеска тамошната државна телевизија МРТВ.

Поради тешкотиите со комуникациите во погодените области каде што инфраструктурата веќе беше слаба, и силната контрола на воената влада врз информациите, не е јасен вистинскиот број на жртви и штети.

Циклонот „Мока“ пристигна од Бенгалскиот Залив во неделата и погоди дел на соседен Бангладеш и поширока област на мјанмарската држава Ракајн со силни ветрови и дожд. Стигна на копно во местото Ситве со ветрови до 209 километри на час пред да ослабне до тропска депресија до пладне во понеделникот додека се движеше по копно.

Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања соопшти дека е забележано големо уништување на домови и инфраструктура во државата Ракајн. Канцеларијата соопшти дека итно се потребни засолништа, чиста вода, помош во храна и здравствени услуги. Се вели дека расте и загриженоста поради ширењето на болестите што се пренесуваат преку вода и поместувањето на нагазните мини, наследство од повеќедецениските граѓански војни во Мјанмар.