На Црвениот плоштад во Москва се одржува воената парада (ВИДЕО)

Илјадници руски војници учествуваат на воената парада во Москва во чест на победата во Втората светска војна, само една недела пред референдумот за уставните амандмани кои на Владимир Путин треба да му овозможат да остане на власт.

21

И двата настани се одржуваат и покрај фактот дека пандемијата на коронавирусот во Русија не стивнува.

Воената парада на Црвениот плоштад по повод 75-годишнината од победата во Втората светска војна традиционално се одржува на 9 мај на Денот на победата, но оваа година Кремљ ја одложи поради пандемијата.

Одлучено е да се одржи на 24 јуни, во време кога веќе се олеснети мерките против ширењето на новиот коронавирус, кој тешко ја погоди Русија.

Со повеќе од 8.000 смртни случаи и околу 580.000 заразени, Русија се наоѓа на третото место по бројот на заболени, по Соединетите Држави и Бразил.

Годинашната воена парада се одржува на денот на првата повоена воена парада во чест на победата одржана на 24 јуни 1945 година.

Парадата ќе биде прв голем настап во јавноста на Путин од почетокот на пандемијата по краткиот настап на 12 јуни.

Тој ќе ја надгледува демонстрацијата на модерната воена моќ на Црвениот плоштад, на кој ќе маршираат повеќе од 13.000 војници. За прв пат ќе бидат прикажани дваесетина парчиња оружје и опрема, вклучително и тенкови Т-90М, ракетен систем Бук-М3 и ракетен фрлач со повеќе цевки Тосочка.