Нема олабавување на рестриктивните мерки додека не поминат јануарските празници

19

Нема олабавување на рестриктивните мерки кои се на сила за заштита од ковид-19 пред да поминат празниците, вели министерот за здравство Венко Филипче. Според него, логично е барањето на угостителите да им се врати работното време до 23 часот, но, последниот збор за тоа вели ќе го има Комисијата за заразни болести.

„Ова скратување на времето иницијално кое беше донесено минатиот месец, рековме дека ќе биде до 21 јануари кога практично завршуваат прославите и верските празници и тогаш по автоматизам се враќаат на работното време до 21 часот. Но, ќе го разгледаме барањето и за дополнителни два часа“, рече Филипче при денешната посета на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје.

Дел од угостителите вчера излегоа со барање уште од понеделник да работат не до 21:00, туку до 23 часот.

Владините рестриктивни мерки, меѓу кои беше и скратувањето на работното време на угостителските објекти до 18 часот, стапија во сила на 18 декември 2020 година. Нивната цел е да се спречи ширењето на Ковид-19 и зголемувањето на бројот заболени за новогодишните и божиќните празници. Важноста на мерките престанува на 21 јануари.