„Низ ножици“ – прва самостојна изложба на Јован Јосифовски

30

„Низ ножици“ е првата самостојна изложба на македонскиот уметник Јован Јосифовски, која ќе биде отворена денеска во 18:00 часот во Скопје.

Како што соопштија организаторите, „Низ ножици“ е изложба на фрагменти, парчиња, исечоци, делчиња, купени/употребени/најдени предмети, различни димензии и рамни површини, интензитети и потези, лузни од лични истории и рани од повредите на класното искуство.

–Колажните фрагменти и парчиња на Јосифовски изнесуваат на виделина аспекти на нашата мрачна сегашност, ги разоткриваат угнетувачките гестови зад бетонските универзитетски ѕидови, го изместуваат чистото и светото на религијата во валканите секрети од задоволствата на сексот, ги пакуваат раните од конфекциската машина и капиталот на текстилната индустрија, посочија организаторите на изложбата од Коалицијата Маргини.

Подоцна, од 21:00 часот во кафе барот Шортбас ќе биде промовиран романот „Лето во кое не нема“ на писателот Петар Андоновски во издание на ИЛИ-ИЛИ.

„Лето во кое не нема“ е роман за внатрешните борби, за отуѓеноста меѓу партнерите, за истрајноста во барањето на вистината. Но, и роман за семејството и провинцијата. Раскажан во прво лице, романот нѐ воведува во љубовниот триаголник меѓу тројца поранешни пријатели. Протагонистите, обидувајќи се да се ослободат од товарот на минатото, сфаќаат дека тоа е возможно само доколку се соочат со него. Лето во кое те нема е отпор насочен кон лажниот морал и лагите што секојдневно ни се сервираат како неприкосновени вистини, се наведува во соопштение.

Овие два настани се во организација на Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а во партнерство со Музејот на современа уметност.

Како што посочија организаторите, целата програма на фестивалот, отворањето на изложбата ќе одговори на протоколите пропишани за одржување на јавни настани заради состојбата со пандемијата.