Нобеловката за мир од Мјанмар доби четири години затвор, се очекуваат уште пресуди

11

Судот во Мјанмар во понеделникот ја осуди поранешната цивилна премиерка Онг Сан Су Ки на четири години затвор поради поттикнување јавни немири и кршење на санитарните прописи поврзани со пандемијата на ковид-19, а пресудата веднаш беше осудена од Амнести интернешенел.

Добитничката на Нобеловата награда за мир, која војската ја отстрани од власт со државен удар во февруари, „е осудена на две години затвор според член 505 (б) и на две години според Законот за природни катастрофи“, изјави портпаролот на хунтата Зау Мин Тун за агенцијата АФП.

На истата казна е осуден и поранешниот претседател Вин Мајнт, изјави портпаролот, додавајќи дека тие засега нема да бидат одведени во затвор.

„Ќе одговараат и за други обвиненија и тоа ќе се направи од местото каде што сега престојуваат, во главниот град Најпидау“, рече тој.

76-годишната Онг Сан Су Ки е во домашен притвор откако беше соборена од генералите на 1 февруари, со што беше ставен крај на краткиот период на граѓанско владеење во Мјанмар каде со децении управува воената хунта.

Хунтата насобра обвиненија против Су Ки, вклучително и кршење на законите за службени тајни, обвиненија за корупција и изборна измама.

Таа се соочува со десетици години затвор доколку хунтата ја прогласи за виновна за сите обвиненија против неа.

На новинарите не им било дозволено да присуствуваат на сослушувањето во специјалниот суд во главниот град изграден од војската, а адвокатите кои ја бранат Су Ки неодамна добиле забрана за комуникација со медиумите.

Според локалната невладина организација, повеќе од 1.300 луѓе се убиени, а повеќе од 10.000 се уапсени во репресијата спроведена од хунтата од пучот на 1 февруари.

Мјанмарската хунта сака да ги задуши слободите со затворање на поранешната цивилна премиерка Онг Сан Су Ки, реагираше на пресудата меѓународната организација за човекови права Амнести интернешенел.

„Тешки казни ѝ се изречени на Онг Сан Су Ки на основа на лажни обвиненија и се последниот показател на одлучноста на војската да го отстрани секој глас на опозицијата и да ги задуши слободите во Мјанмар“, се вели во соопштението на невладината организација.