Ново сведоштво од „Школата на Мика“: Ме силуваше седум месеци, речиси секој вторник

110

Студентка по глума (20), една од девојките кои го пријавија Мика Алексиќ за силување, се согласи да зборува анонимно за тоа низ што поминала и како стравот ја парализирал.

Како што вели таа, со години трпела психичко малтретирање, понижување и „одвратни навреди“, а на крајот и низа силувања.

„Тој е многу паметен човек кој подготви совршено злосторство“, рече студентката за Blic.

„Започна две недели по мојот 18-ти роденден. Како да чекаше да станам полнолетна, иако другите девојчиња беа помлади кога ги напаствувал. Кога сѐ започна, повраќав, изгубив 11 килограми. Се исушив. Не повраќав само после часови, тоа се случуваше и преку ден. Го повраќав секој оброк“, рече девојката.

Таа вели дека нејзините пријатели забележале дека таа се повлекува во себе. Престаналa да излегува, да се дружи. Во средно училиште, останала изолирана, иако ѝ била последната година, кога дружењето обично е во полн ек.

„Кога првпат ме однесе во канцеларија, две недели откако станав полнолетна, се сеќавам дека еден час зборуваше за самодовербата на жените и фаталните жени. Зборуваше за тоа како не постои самодоверба кај жените, како може да го однесе ветрот, да трепнеш и жената да падне. Ме гледаше во очи цело време. Тогаш имав нула самодоверба поради него, но не бев ни свесна тогаш. Го погледнав со воодушевување! Мислев дека знае сè и гледа сè! Го процени тоа и ме однесе во канцеларија, каде ми рече дека ќе работиме на мојата самодоверба и дека ќе ми помогне. Тој е многу интелигентна личност , многу паметен човек кој подготви совршено злосторство “, изјави 20-годишната девојка.

Знаела, вели таа, дека тоа што ѝ се случува не е добро. Се чувствувала ужасно и плачела цело време.

„Кога се случи тоа, се истуширав 10 пати. Без претерување, 10 пати. Знаев дека не е нормално да ме допира некој на возраст од 66-67 години, ми беше одвратно, но сепак не се сомневав дека има какви било намери што не се педагошки и за мое добро. Токму тој болен страв дека ти не смееш да го разочараш него, никако! Се враќав на тие часови, бидејќи се плашев дека тој ќе помисли дека не сум дошла поради тоа“, вели девојката.

Таа вели дека сè уште чувствува мирисот на Алексиќ и дека го гледа на улица, иако не го видела скоро две години.

Силувањето, тврди таа, се повторувало скоро секој вторник седум месеци.

„Понекогаш пропушташе еден или два вторници и мислев дека ќе престане, дека сè ќе биде како што треба повторно… И тогаш ќе ме повикаше назад во канцеларијата“.

Вели дека дека силувањата престанале кога завршила т.н. актерска школа.

Како што рече, пред последниот час по глума, договорот бил нејзините другарки да се појават пред крајот на часот и да го спречат да ја однесе во канцеларија.

„Така и беше. Тоа беше мојата последна средба со Мика. Летав по скалите, пред училиштето, до Кнез Михајлова и повторно повраќав. Тоа беше олеснување помешано со страв, бидејќи се плашев дека може да продолжи, дека ќе може дојде по мене и кога веќе нема да бидам во студиото“, раскажува девојката.

Нејзината цел, вели таа, била Мика повеќе да не силува ниту една девојка. Кога завршила средно и се запишала на факултет, седнала на кафе со две девојки од групата кои сакале да се запишат на глума следната година и им раскажала сѐ.