Нов Зеланд повторно подготвува остри мерки: После три месеци затишје, коронавирусот повторно се шири

20

После три месеци без ниту еден случај на заразен, коронавирусот повторно се шири во Нов Зеланд, соопштиле денеска властите на земјата, а во текот на денот се очекува премиерката Џасинда Ардерн да донесе одлука дали вонредните мерки во Оукланд ќе бидат продолжени.

Надлежните денеска пријавиле 12 нови случаи на Ковид-19 кои биле поврзани со истиот извор, откриен пред два дена, меѓу членовите на една фамилија во Оукланд, пренесува Ројтерс.

Властите тврдат дека вирусот, кој предизвика нов бран на заразување, стигнал од странство и продолжуваат да истражуваат како тој стигнал до фамилијата во Оукленд.

Премиерката Ардерн инсистира на својата тактика на брз и силен одговор на појавата на вирусот и денеска би требало да соопшти дека вонредната состојба во Оукленд ќе биде продолжена.

Во јавноста е присутен страв дека продолжување на вонредната состојба би можело дополнително да ја оштети домашната економија.

Висок функционер од здравствениот сектор на Нов Зеланд, Ешли Блумфилд оцени дека показателите поврзани со новото жариште во Оукленд се охрабрувачки, но додаде дека надлежните имаат информации за заразени во уште две области, кои дополнително треба да се испитуваат.

Министерот за здравство на Нов Зеланд Крис Хипкинс изјави дека со тестирање на геномот на најновиот вирус било утврдено дека тој стигнал од Велика Британија или Австралија, но дека сега треба да се утврди на кој начин стигнал до фамилијата од Оукленд.

Тој ги отфрлил гласините на некои експерти дека вирусот „тивко се ширел во Оукленд со недели наназад“, велејќи дека постојат докази дека таа претпоставка не е точна.