Нов неславен дневен рекорд на новозаразени на глобално ниво

17

Во последните 24 часа во светот се потврдени 581 000 нови случаи на коронавирус, што е највисок дневен биланс од почетокот на пандемијата, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Претходниот рекорд изнесуваше 505 000 и беше поставен пред една недела.

Според СЗО, со новите случаи во последното деноноќие вкупниот број на заразени на глобално ниво се искачи на 48,53 милиони.

Бројот на смртни случаи во изминатиот ден се зголеми за 8.000 и сега изнесува 1,23 милиони.

Повеќе од половина од новите случаи се во Европа
Од вкупниот број новозаразени, повеќе од половина се евидентирани во Европа – 308.876. Потоа следат Јужна и Северна Америка со 167 031 и Југоисточна Азија со 61 831 нови случаи.

Меѓу европските држави кои забележаа рекорди во последните 24 часа, се Франција и Италија.

Француските здравствени власти информираа дека регистрирале рекордни 60 486 нови случаи на коронавирус.

Рекордот кој денеска го постави Италија на национално ниво, пак, изнесува 37 809 новозаразени.

Најпогодена е северната област Ломбардија, каде најголем економски центар е Милано, со регистрирани 9 934 случаи на ковид-19.