Обвинетите во „Плацеви на Водно“ сведочеа дека целата операција ја организирал Груевски

10

Сите заедно учествувале во малверзациите со Плацевите на Водно, но обвинетите во случајот без Мијалков, сведочеа дека целата операција ја организирал избеганиот поранешен премиер Никола Груевски. На крај и Орце Камчев, по кумот на Груевски, Ристо Новачевски и по Ненад Јосифовиќ- пред судот рече дека неговата Орка учествувала во зделките со Сирах инжинеринг за да се прикрие вистинскиот сопственик на Плацевите на Водно, Никола Груевски. Камчев дури тврди дека откако на Груевски му поминал меракот за земјиштето на Водно, екс премиерот побарал и добил во замена три стана на Панорама кои имаат нереален сопственик, а тоа во моментот е извесен Мето Стојчевски.

Во зградата Панорама резиденс, три апартмани во квадратура од 750 метри квадрати кои не се под залог или под хипотека, се чуваат за примопредавање, одговори Камчев на прашање на обвинителката Лиле Стефанова да ја каже точната локација на становите. Тој рече дека ја прифатил зделката за да не си има проблеми со Груевски којшто пак претходно ја контактирал сестрата на Орце, Кристина Камчев за да го купат земјиштето на Водно.
Таа (Кристина Камчева) ми кажа дека за земјиштето што го поседува ‘Сирах’, Груевски ја прашал дали може да го купиме. Размисливме што да правиме, познавајќи го и неговиот карактер на одмаздољубивост, одлучивме да го купиме земјиштето.
Поради таа постапка Камчев е обвинет за перење на пари,а во својот исказ го спомна и Сашо Мијалков еден од обвинетите во Плацеви на Водно, кој е и братучед на Груевски и поранешник директор на тајната полиција. Камчев тврдеше дека Мијалков побарал да го прими Новачевски на кафе, а во тоа време Ристо Новачевски бил управител на фирмата Сирах инжинеринг која ги изведувала дејствијата за да го сокрие сопственикот на плацевите, кој сега е бегалец во Будимпешта. Мијалков иако прв на ред, не сведочеше денеска затоа што побара да му се даде време да ги види новите докази на обвинителството. Потегот со одложување му даде време да ги чуе сведочењата на останатите обвинети кои директно го посочија или бегалецот Груевски или него за организација и учество во зделката со партиските донации на ВМРО-ДПМНЕ кои завршиле со купување на плацеви за поранешниот премиер. Денеска сведочеа и Новачевски и Јосифовиќ, кои тврдат дека биле повикани во 2012-та за да помогнат во реализација на зделката. По сите сведочења на обвинетите кои раскажаа што се случувало, обвинителката Стефанова пак посочи дека ќе повика уште еден сведок во рамките на доказната постапка.