Обвинителството истражува кој ги снимил и кој ги пушта новите „бомби“ на Јутјуб

17

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во врска со новите „бомби“ поврзани со случајот „Рекет“, отвори предмет по допрен глас по кој постапува надлежен јавен обвинител, велат од Обвинителството, откако денеска се појавија уште два прислушувани аудио разговори кои во јавноста допреа преку засега непознат сторител кои ги објавил на Јутјуб каналот.

Викендов, односно во саботата на истиот канал беа објавени седум нелегални аудио снимки кои исто така се под истрага на обвинителството.

– Во моментов се испитуваат сите околности во врска со идентификација на лицето што ги објавило снимките. Воедно, со постапката треба да се утврди дали во содржината на разговорите и нивното јавно објавување има елементи на кривично дело, кој снимал, како и идентитетот на лицата што разговараат. Откако ќе биде прибран и анализиран доказниот материјал, Обвинителството ќе донесе одлука дали и кое лице ќе биде повикано да даде исказ пред обвинител, за што во моментот е прерано да се зборува – велат од Обвинителството за Плусинфо.

Во незаконско прислушуваните разговори наводно се слуша гласот на бизнисменот Орце Камчев кој како сведок во судскиот процес „Рекет“ даде исказ дека бил рекетиран од првообвинетиот Бојан Јовановски Боки 13 и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, второобвинета во случајот која пак заедно со обвинителката Лиле Стефанова го „изрежирала“ обвинението против Камчев во случајот „Империја“.

Во новите „бомби“ се споменуваат имиња на политичари, како и осудениот во „Рекет“ Зоран Милевски Кичеец кому судот му изрече тригодишна затворска казна затоа што призна дека е виновен.