Обвинителството отвори предмет за масовниот собир на верници во Струга

Струшкото обвинителство отвори предмет по објавување на снимките и фотографиите на социјалните мрежи, а во врска со масовното присуство на граѓани на литијата одржана на 7 мај, по повод верскиот празник Св. Ѓорѓија.

36

„Постапувањето на обвинителството е заради присуството на граѓани на литијата во услови на пандемија, кога не се почитувани одлуките на Владата на Република Северна Македонија за задолжително придржување на здравствените прописи и тоа во однос на забраната за групирање во групи поголеми од две лица, потребното растојание од најмалку два метра меѓу лицата и задолжително носење заштитни маски доколку просторот меѓу граѓаните е помал од пропишаното“, информираат од Обвинителството.

Во насока на утврдување на факти во предметот, струшкото обвинителство поднесе барање до МВР – ОВР Струга за проверка на настанот и откривање на евентуални сторители на кривичното дело. Притоа, како што наведуваат од обвинителството, побарано е да се идентификуваат и повикаат организаторите на литијата за да се утврди дали настанот бил уредно пријавен.

Се очекува да биде утврдено кој требало да учествува на настанот, каква дозвола добиле и дали е постапувано согласно истата, како и дали презеле дејствија како организатори да нема присуство на граѓани или, пак, со редарска служба да го обезбедат евентуалното присуство на граѓани, а во насока на примена на здравствените прописи во услови на опасност од ширење на заразната болест предизвикана од вирусот Ковид-19.

Обвинителството издаде и наредба за обезбедување на безбедносните камери од околните објекти, со цел да биде извршена идентификација на лицата кои присуствувале на настанот, како и да се утврди дали лицата самоиницијативно присуствувале на настанот.