Обединетото Кралство ги призна македонските возачки дозволи

3

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска соопшти дека Обединетото Кралство ги призна македонските возачки дозволи.

Министерот Спасовски на својот Facebook профил објави дека врз основа на потпишан билатерален договор Обединетото Кралство е деветтата држава во која носителите на македонска возачка дозвола кои престојуваат на територијата на оваа држава не им е потребна меѓународна возачка дозвола.

„Носителите на македонска возачка дозвола кои имаат регулирано постојан престој на територијата на Англија, Велс и Шкотска, на нивно барање може да им се изврши замена на возачката дозвола, и тоа почнувајќи од 20 мај годинава, што ќе значи и конечно решавање на ова многу важно прашање за државјаните на Република Северна Македонија во Обединетото Кралство, а се очекува многу скоро, оваа законска процедура да биде прифатена и од властите на Северна Ирска“, пишува Спасовски.

Ова важи за дозволи кои го овластуваат управувањето со класата на возила кои соодветствуваат на класата на возила опфатени во категориите B, B+E, F, K или P, или поткатегоријата B1 и се издадени од страна на Министерството за внатрешни работи во Република Северна Македонија, напиша министерот Спасовски на неговиот Facebook профил.