Омикрон стана доминантен во САД – 73 отсто од новите заразени минатата недела се со овој сој

14

Во меѓувреме, здравствените власти во Тексас соопштија дека американската сојузна држава го забележала првиот смртен случај поврзан со сојот омикрон
Омикрон стана доминантен вид на коронавирус во Соединетите држави и претставува 73 отсто од новите инфекции минатата недела, соопштија американските здравствени власти.

Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) синоќа објави дека овие податоци покажуваат зголемување на учеството на омикрон за речиси шест пати во вкупниот број заразени за само една недела.

Во поголемиот дел од САД тој удел е уште поголем. Омикрон е детектиран кај околу 90 отсто од новозаразените луѓе во областа на Њујорк, на југоисточниот дел на земјата, во индустрискиот дел на Средниот запад и на северозападниот дел на Пацификот.

Националната стапка на инфекција со омикрон значи дека повеќе од 650 000 луѓе се заразени со сојот во Соединетите држави во последните недели.

Од крајот на јуни, сојот делта е доминантен меѓу инфекциите со коронавирус во Соединетите држави. Така, на крајот на ноември, повеќе од 99,5 проценти од случаите на коронавирус биле делта соеви, според ЦДЦ.

Директорот на ЦДЦ Рошел Валенски рече дека овие податоци за омикрон покажуваат слична стапка на ширење на инфекцијата како и во другите земји.

„Овие бројки се големи, но не се изненадувачки“, рече Валенски.

Во меѓувреме, здравствените власти во Тексас соопштија дека американската сојузна држава го забележала првиот смртен случај поврзан со сојот омикрон, објави денеска Еј-би-си њуз, повикувајќи се на здравствените власти во округот Харис.

Се верува дека тоа е првата позната смрт поврзана со омикрон во Соединетите држави. Жртвата е маж на околу 50 години, кој не бил вакциниран и немал никакви придружни болести.