Организаторите на „27 април“ на суд

11

Во Кривичниот суд денеска започнува судскиот процес против обвинетите организатори на настаните во Собранието на 27 април, 2017 година. Поранешниот собраниски спикер Вељаноски, поранешните министри Јанакиески и Ристовски, како и екс директорот на УБК Атанасовски се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Судењето за организаторите на настаните во Собранието на 27 април 2017 година почнува денеска во Кривичниот суд. На обвинителна клупа ќе седнат поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за труд и социјална политика Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и екс директорот на УБК Владимир Атанасовски. Тие се товарат за кривично дело- терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

За две лица, поранешниот премиер Никола Груевски и Никола Бошковски од УБК кои во моментов се недостапни на органите на прогонот, постапката е запрена до нивно пронаоѓање. Груевски се наоѓа во Унгарија каде што доби азил, а Бошкоски е во Грција.

Обвинител во случајот е Вилма Русковска. Постапката ќе ја води судијата Илија Трпков, а дел од судечкиот совет е и судијката Дијана Груевска Илиевска, која дојде на местото на Владимир Туфегџиќ. Тој беше изземен од судечкиот совет, бидејќи неговата ќерка, пратеничката Ивана Туфегџиќ е дел од настаните на 27 април, односно е оштетена странка. Освен двајца судии, во судечкиот совет има и тројца поротници.

Кривичниот суд во јануари го прифати обвинението, кое беше поднесено во мај минатата година по повеќемесечна истражна постапка. Според обвинителството, наодите од истражната постапка укажуваат дека обвинетите, на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата, подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство.

За таа цел, обвинетите ги организирале и материјално ги подржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои започнаа при крајот на февруари, а кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27 април 2017 година.

Обвинетите, како организатори, ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието. Критичниот ден, како што се наведува во обвинението, организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучувајќи патриотски здруженија и ангажирајќи лица за извршување на насилство.