Османи на брифинг со граѓанскиот сектор за Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД

9

 

Во рамки на серијата средби на министерот за надворешни работи, Бујар Османи со претставници од граѓанскиот сектор, на денешниот брифинг тој ги запозна невладините организации со значењето и придобивките од Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, лансиран во јуни минатата година, во Вашингтон.

Како што соопшти МНР, во фокус на разговорите беа можностите за соработка со невладиниот сектор во делот на имплементацијата на Планот за активности во рамки на Стратешкиот дијалог, кој покрива бројни области за соработка како што се: борбата против корупцијата и владеењето на правото, одбрана и безбедност, трговија и инвестиции, енергетика и животна средина, но и други значајни прашања од регионален и глобален интерес.

Воедно, Османи истакна дека е предвидено споменатиот план да се имплементира од страна на различни институции во земјава, во периодот од 2023 до 2033 година, при што Министерството за надворешни работи е координатор на целокупниот процес.

-Планот за активности во рамки на Стратешкиот дијалог со САД содржи бројни проекти и активности чија реализација ќе придонесе за понатамошно поттикнување на демократските и реформските процеси, како и зајакнување на институциите, а со тоа гарантирање на целокупниот напредок на државата, заклучи Османи најавувајќи дека се отворени за соработка со граѓанскиот сектор и на ова поле, што, како што нагласи, е на линија на нашата досегашна транспарентност и заложби за зајакнување на улогата на невладините организации во креирањето на надворешната политика.