Османи: На дело ја демонстрираме нашата солидарност

4

На дело ја демонстрираме нашата солидарност и нашето топло добредојде за оние на кои им е најпотребно, истакна министерот за надворешни работи по синоќешното пристигнување на првата група бегалци од Авганистан на скопскиот аеродром.

– Ја пречекав првата група 149 граѓани на Авганистан, за кои Република Северна Македонија изрази подготвеност да им биде привремено живеалиште и прибежиште. Тоа се семејства, претежно жени и деца, кои биле вработени или биле соработници во меѓународните организации, наши сојузници изминативе 20 години таму. За жал, не по нивна волја, на овие луѓе денес, но и на нивните семејства им е загрозена безбедноста, загрозени им се нивните животи, и затоа ние одлучивме да им помогнеме сега, денес, веднаш – т.е. кога им е најмногу потребно – наведе Османи утринава на Фејсбук.

Тој синоќа кажа дека станува збор за луѓе вработени во меѓународни организации, како што се „Отворено владино партнерство“ во која членува и Македонија, „Транспаренси интернешнл“ и други организации со кои соработувала Македонија или нашите сојузници во Авганистан.

– Тоа се луѓе со кои што сме работеле, луѓе кои споделуваат исти вредности со нас и луѓе на кои не по нивна им е загрозен нивниот живот и животот на нивните деца – рече Османи.

Бројката на бегалци од Авганистан кои ќе ги прими Македонија од првичните 650 се искачи на 780. Тие ќе бидат сместени главно во хотели во периферијата на Скопје.