Османи: Предлогот на португалското претседателство е прашањето за јазикот да се реши со две унилатерални изјави

20

Согласно предлогот на португалското претседателство со ЕУ за решавање на прашањето со Бугарија, а којшто се однесува на јазикот, е тоа прашање да се реши со две унилатерални изјави, и на Северна Македонија и на Бугарија, појасни денеска во Охрид шефот на дипломатијата Бујар Османи, за тоа што содржи предлогот на претседателството со ЕУ во однос на македонскиот јазик.

-Од Северна Македонија се очекува само да се потврди фактот дека јазикот е кодифициран во 1945 година, без други формулации. Додека на самата меѓувладина конференција Бугарија би дала своја унилатерална изјава со свои погледи кон јазикот и ние би имале наша еднострана унилатерална изјава, а ЕУ само ќе забележи дека има две унилатерални изјави, односно два различни става во однос на тој процес, рече Османи.

Според него, тоа е креативното решение што може да ги задоволи и да ги адресира сензитивностите на двете страни по однос на ова прашање и предлогот на претседателството, што ќе продолжи да се разгледува и во рамки на словенечкото претседателство, додавајќи оти тоа е единствениот предлог којшто е функционален на маса.