Оставката на Заев се уште не е во Собранието

4

Премиерот Заев се уште не ја поднел својата оставка до Собранието, потврдуваат собраниските служби. Доколку тоа не го стори до денеска до 14 часот, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски најави дека тие ќе поднесат инцијатива за гласање на недоверба на Владата.
Процедурата е речи си иста како и за гласање на интерпелација на пратеник, со таа разлика што сега, Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оваа инцијатива нема да може да ја чува во фиока како интерпелациите, туку ќе мора во рок од три дена, кои почнуваат да течат од утре да ја стави на разгледување пред пратениците.
Тоа значи дека ако Заев во меѓувреме не поднесе оставка, во четврток ќе се гласа доверба на неговата Влада.
Опозицијата веќе најави дека ја има поддршката од апсолутното мнозинство пратеници, односно 61 глас, што е доволно за да падне кабинетот на Заев.
Доколку му се изгласа недоверба, Заев е должен веднаш да ја достави својата оставка до Собранието. Со оставката на Заев во оставка се и сите министри.
По ова, почнува процес за избор на нова Влада.
Претседателот Пендаровски веќе најави дека ќе чека документ со потпис на 61 пратеник за да го додели мандатот.
Новиот премиер и секој нов министер поединечно се гласа во одвоена постапка со апсолутно мнозинство гласови.
Премиерот Заев ноќта по вториот круг на локалните избори на 31 октомври, најави дека си поднесува оставка на премиерската и на лидерската позиција во СДСМ.