ОСТАВКАТА НА ПРЕМИЕРОТ ЗОРАН ЗАЕВ СЕ УШТЕ НЕ СТИГНАЛА ВО СОБРАНИЕТО – траат консултациите со партиите

4

Во Собранието се уште не е стигната оставката од премиерот Зоран Заев.

Ова го потврдуваат од Кабинетот на спикерот Талат Џафери.

„Се уште немаме добиено ништо од Владата“, се вели во кусиот одговор од Кабинетот на Џафери, на новинарско прашање дали е стигната оставката.

Според дел од неофицијалните инфпормации, тешко е да се очекува дека тоа ќе се случи денеска, бидејќи се уште траат консултации со партиите коалициони партнери. Најверојатно се очекува дека консултации ќе има и во текот на утрешниот ден.

Од коалиционите партнери се бара мислење и за тоа која личност би била погодна за предлог за нов премиер.

Како што веќе објавивме, партиите од владејачката коалиција во Македонија не ја прифаќаат оставката на премиерот Зоран Заев, која ја најави во неделата вечерта по поразот на неговата партија, Социјалдемократскиот сојуз на локалните избори.

Лидерите на Демократската унија за интеграција, движењето БЕСА, ДПА и другите помали македонски партии по состанокот вчера попладнето рекоа дека владата мора да продолжи да работи на реформите по секоја цена, вклучително и отворен спор со Бугарија и интеграција во ЕУ.

Мнозинството е стабилно и нема потреба да се оди на предвремени парламентарни избори, велат тие.

„Заедно едногласно го поддржавме парламентарното мнозинство, програмата на Владата за продолжување на досегашната политика, особено во делот на евроинтеграциите, реформите, безбедноста и го убедивме премиерот Заев дека ние, другите партнери, сме едногласни во поддршката на владините политики“, изјави вицепремиерот Артан Груби.

Премиерот во оставка Зоран Заев по средбата не се обрати преку медиумите.

Во меѓувреме, пак, поддржувачи и симпатизери на СДСМ, преку социјалните мрежи, споделуваат фотографија со премиерот Заев, во која стои дека тој е херој и дека треба да ја повлече оставката, бидејќи во спротивно ќе се случи хаос во државата.