Пандев: За крај сакам опстанок на Џенова и Македонија на ЕП 2020

8

Горан Пандев имаше интересно интервју за „Ил Секоло“ во кое зборува за амбициите оваа сезона, како на клупски така и на репрезентативен план и можеби најави пензионирање.

Македонскиот фудбалер вели дека сака да избори опстанок во Серија А со Џенова, а со националниот тим да избори пласман на Европското првенство ова лето пред да се повлече од фудбалот.

„Играм за Џенова, најстариот клуб во Италија, а ова е навистина ‘жешка’ околина. Не е возможно, а да не давате сè од себе. Имам играно во големи клубови порано, но луѓето на стадионот ‘Луиџи Ферарис’ можат да ви дадат екстра мотив. Мораме да избориме опстанок во Серија А. Сакам да ја завршам кариерата во Џенова и со изборен пласман на Европското првенство во лето со Македонија. Со нациоаналниот тим во март имаме плеј-оф против Косово, тоа ќе биде натпревар на животот. Но, сега размислувам само на Џенова, во овој дрес се бориме за живот секој викенд. Имам малку лутина во себе, да завршам со кариерата вака би било многу лошо, не сакам ниту да размислувам на испаѓање од Серија А. Навивачите и клубот не го заслужуваат тоа. Сакам да завршам со кариерата како што треба, на висока ‘нота’“, вели Пандев во интервјуто.

Пандев веќе пет сезони е дел од Џенова и постојано покажува дека и со 36 години е играч од специјална класа. И сезонава демонстрираше дека помладите фудбалери на Џенова можат само да учат од него. Факт е дека се доближува до крајот на својата фудбалска кариера, во која на клупски план ги освои најголемите трофеи, а како што вели и самиот, со настап за Македонија на Европското првенство секако ќе биде збогум од фудбалот на најдобар можен начин.