Побарана екстрадиција на Игор Спасов

39

Тој беше осуден на 14 години затвор, а по него се трага од октомври 2019 година, откако претходно одлежа околу половина од затворската казна, а беше пуштен на лекување и не се врати во затворот
Министерството за правда вчера и официјално побара екстрадиција на Игор Спасов од Бугарија, каде што е уапсен по меѓународна потерница.

Осудениот поранешен припадник на специјалните единици на МВР за убиство на Мартин Нешковски е уапсен во Софија на 1 февруари по пријава за семејно насилство.

Бидејќи тој се наоѓа во притвор, државата има рок од 40 дена да поднесе барање за екстрадиција.

Според извештаите на бугарските медиуми, Спасов бил уапсен во населбата Младост во Софија.

Случајот „Нешковски” се случи во 2011 година на градскиот плоштад во Скопје, во време кога ВМРО-ДПМНЕ ја славеше победата на предвремените парламентарни избори. Тоа време осудениот Спасов, како дел на обезбедувањето, го претепа до смрт младиот Мартин Нешковски.

Тој беше осуден на 14 години затвор, а по него се трага од октомври 2019 година, откако претходно одлежа околу половина од затворската казна. Дека Спасов е во бегство, официјално беше потврдено кон крајот на октомври 2019 кога не се врати во затворот на доизвршување на казната. Тој беше пуштен од затворот поради здравствени причини и потребата од операција.