Повеќе од половина од возрасните во ЕУ се целосно вакцинирани против коронавирусот

11

Околу 200 милиони луѓе во Европската унија се целосно вакцинирани против коронавирусот, што е повеќе од половина од возрасната популација, соопшти Европската комисија чија цел е во текот на летото да се вакцинираат 70 проценти од возрасните. „Досега 200 милиони луѓе се целосно вакцинирани во ЕУ“, изјави портпаролката на Европската комисија, Дана Спинант, додавајќи дека станува збор за 54,7 проценти од возрасните. Според неа, 68,4 проценти од возрасните ја примиле првата доза на вакцината за коронавирус. „Сега сме меѓу областите во светот со најмногу вакцини. Сепак, важно е напредокот во вакцинацијата да биде избалансиран за да нема региони во ЕУ каде што коронавирусот може да се шири и мутира“, додаде таа.

Според официјалните податоци на агенцијата Франс прес, во ЕУ се дадени нешто повеќе од 440 милиони дози вакцини. Ова се 98,4 дози на вакцини на 100 жители, а во САД се дадени 102,4 дози на вакцини на 100 жители. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 10 јули рече дека ЕУ има доволно дози за да вакцинира „најмалку 70 проценти од возрасната популација во текот на месецот“.