Повторно падна сајтот на ДИК

9

Страницата на Државната изборна комисија повторно падна, иако утрово беше во функција, но на неа беа достапни податоци од последните парламентарни избори со серија грешки.

Страницата на ДИК беше вон употреба откако беше хакната на денот на изборите.

Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски соопшти дека полицијата била известена за хакерскиот напад кој, според него, предизвикал мало одложување на оперативната активност и нагласи дека во текот на изминатите неколку дена ДИК спроведе избори за избор на пратеници на парламентарните избори во исклучително тешка и комплицирана ситуација кога во државата владее пандемиска криза предизвикана од Ковид-19 вирусот, посочувајќи оти сите се сведоци дека организацијата на овој изборен процес течела како што треба и дека трите дена на гласање овојпат првпат во нашата држава се одвивале непречено.

– Се случи хакерски напад на системот на ДИК, односно на нашиот сајт, кој предизвика би рекол не голема штета, туку мало одложување на оперативната активност на ДИК. Притоа се појавија разни шпекулации, разни лажни вести предизвикани од тие шпекулации кои во текот на денов се ширеа. Сакам во име на Комисијата да ги демантирам тие шпекулации и да укажам на фактот дека ДИК работи согласно Изборниот закон каде точно се предвидени постапките за утврдување на резултатите, истакна Дерковски.