Погодениот театар во Мариупол бил засолниште на 1.000 жители

0

Градоначалникот на опколениот украински град Мариупол вели дека повеќе од 1.000 луѓе биле засолнети во театарот што на 16 март беше погоден од руски воздушен напад. По нападот многу цивили се заробени, а бројот на жртви е непознат, вели тој.

Украина се надева дека денеска ќе ги евакуира цивилите преку девет „хуманитарни коридори“ во градовите, вклучително и во опкружениот пристанишен град Мариупол, изјави заменик-премиерката Ирина Верешчук.

Коридорите се користат за евакуација на цивили од градовите кон се бомбардираат од страна на руските сили. Илјадници луѓе се одведени на сигурно во изминатите денови, иако некои од хуманитарните коридори беа мета на Русија.

Загубите се зголемуваат во украинскиот град Чернихив, изјави регионалниот гувернер Виачеслав Чаус. Тој денеска соопшти дека 53 лица загинале од руските сили само во средата. Информацијата не можеше веднаш да се потврди. Русија негира дека цели на цивили. Северниот град Чернихив е под опсада од 25 февруари.

Едно лице загинало, а пет се повредени во руското гранатирање на украинскиот град Рубижне, во Луганската област, соопшти денеска локалниот гувернер Серхиј Хаидаи. Тој рече дека областа била гранатирана цел ден вчера и синоќа, по што градот бил во пламен, а уништени се и 20 куќи.

Рубижне се наоѓа во регионот Луганск во источна Украина кој е по контрола на Украина. Некои делови од Луганск и соседниот регион Доњецк се под контрола на проруските сепаратисти од 2014 година.

Руските новински агенции пишуваат дека Русија погодила воено складиште во западна Украина, јавува Ројтерс. Министерството за одбрана соопшти дека ракети со висока прецизност погодиле складиште во Сарни, во регионот Ривне, уништувајќи проектили и муниција. Ројтерс не може независно да ги потврди извештаите.