„Пожарот“ во Еуростандард банка, и без пламен, е посилен од тој во „Глобал“, реагираат оштетени штедачи

27

Сопствениците на изгорениот дел од трговскиот центар „Глобал“ во Струмица ги снајде голема несреќа. Настанатиот пожар направи значителна материјална штета. Тоа што премиерот Заев веднаш им вети помош е за поздравување. И треба да им се помогне. Но, „пожарот“ што се случи во Еуростандард банка е илјада пати поголем и посилен, иако не се виде пламен. Преку невиден грабеж во банката, што се случувал со години, исчезнаа многу пари, речиси 60 милиони евра, како од заштеди така и од средства на тековни сметки на околу 3.000 семејства.

Со ваква компарација меѓу последиците од стечајот во Еуростандард банка и неодамнешниот пожар во комплексот „Глобал“ во Струмица се јавија денеска штедачи во пропадната банка, во реакција адресирана до премиерот Зоран Заев.

Како што се наведува во реакцијата, раководните лица во банката организирале “континуирана кражба на депозитите преку пласирање на ултра ризични кредити на избрани фирми додека Народната банка ги толерирала и им прогледувала низ прсти“.

„Дали премиерот Заев ќе разбере дека не се оштетени само дуќани и просторот во трговскиот центар ‘Глобал’ во неговата општина Струмица, туку дека има и многу поголем број на оштетени граѓани и фирми кои ги загубија своите лични средства од животно значење поради масовна и свесна кражба во Еуростандард банка, којашто се случувала под будното око на Народна банка? Дали државата конечно ќе направи нешто да ги казни криминалците во банката и сите кои биле инволвирани во овој масовен грабеж, а на нас оштетените граѓани и фирми ќе помогне да си ги вратиме нашите доверени пари во банка која пропадна поради голем толериран криминал со години? Се надеваме дека во Македонија нема да има двојни стандарди. Само пред неколку години владеачката партија ја изнесе паролата ‘Едно општество за сите’. Дали оваа парола сеуште важи или брзо се заборави“, се наведува во реакцијата потпишана од Здружението на оштетени штедачи.