Пожар на рускиот носач на авиони „Адмирал Кузњецов“ (ВИДЕО)

16

Најмалку три лица се повредени во пожар кој изби на рускиот носач за авиони „Адмирал Кузњецов“, пренесуваат агенциите.

Пожарот на носачот на авиони избил за време на работа при негово одржување во пристаништето во Мурманск, на Баренцовото Море, пренесува агенцијата „Ројтерс“.

„РТ“ пренесува дека огнот го предизвикал проблем при заварување, а пожарот потоа се проширил на 120 квадратни метри на големото пловило.

Во моментов, „Адмирал Кузњецов“ е единствениот активен руски носач на авиони. Изграден е како брод за Советскиот сојуз и требаше да биде првиот носач на авиони во својата класа.

Меѓутоа, направен е само уште еден носач на авиони од оваа класа, Варјаг, кој никогаш не е пуштен во употреба. Украина го продаде на Кина, под услов да не го користи во воени цели.

Единствениот руски носач на авиони го доби името по адмиралот на флотата на Советсиот сојуз, Николај Герасимович Кузњецов. Првото име му бепе „Рига“, за во ноември 1982 година да му биде променето во „Леонид Брежњев“.

Во август 1987 година повторно му е променето името, тогаш во „Тбилиси“. Името „Адмирал Кузњецов“ го добил на 4 октомври 1990 година, а во потполност функционира од 1995.