Помпео од Солун ги повика Грција и Турција на преговори

27

САД денеска ги повикаа Грција и Турција да најдат решенија за неколкунеделните тензии во источниот дел на Медитеранот, бидејќи двете земји одлучиле да ги продолжат преговорите.

„Се надеваме дека ќе започнеме со подготовки за преговори што ќе овозможат да се постигнат резултати што ќе бидат повеќе од прифатливи за двете земји“, изјави денеска американскиот државен секретар Мајк Помпео за време на дводневната посета на Грција.

„Не станува збор само за преговори, туку и за изнаоѓање на вистински решенија“, додаде тој во интервју за грчката новинска агенција АНА.

Мајк Помпео започна разговори денеска во Солун, за намалување на напнатоста на истокот на Средоземното море, каде две соседни членки на НАТО се во расправија околу наоѓалиштата богати со нафта и гас.

Спорот мора да се реши „мирно во согласност со меѓународното право“, изјавија Помпео и неговиот грчки колега, Никос Дендиас, по состанокот во Солун.

Соединетите држави се задоволни што Грција е „подготвена да работи со земјите од регионот за да се постигне договор за поморско разграничување“, се вели во заедничкото соопштение.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис го повика турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во ОН во петокот да и даде шанса на дипломатијата во време кога двете земји се чини дека се решени да ги смират тензиите и да продолжат со дијалогот.

Предвидено е Мајк Помпео утре да пристигне на Крит, каде ќе разговара со премиерот Киријакос Мицотакис и ќе ја посети поморската база на НАТО во заливот Суди.

Грчкиот премиер, кој треба да го прими државниот секретар на САД во неговата семејна куќа, сака да воспостави посилна воена соработка со САД.

Во октомври 2019 година, Помпео потпиша договор за воена соработка во Атина што им овозможува на американските воени сили повеќе да ги користат грчките воени бази.

Во своето интервју за АНА, државниот секретар на САД зборуваше за „вистинската геостратешка важност“ на грчкиот север, но и за енергетската независност. „Политиката на претседателот Трамп е да го зголеми капацитетот на цела Европа со разновидни извори на енергија за да не биде зависна од Русија“, рече тој.

Посетата на Солун е исто така порака до Балканот дека Соединетите држави сакаат да инвестираат во регионот. Помпео ја повика Грција да биде „главниот партнер на САД и Европа“ на Балканот.

Во Солун, тој потпиша билатерален договор од областа на науката и енергијата и учествуваше на состанокот на претприемачи од енергетскиот сектор, по што отпатува за Крит.

Мајк Помпео ќе престојува во Рим во среда и четврток, каде со италијанските власти ќе разговара за напорите на администрацијата на Доналд Трамп да ги одврати своите европски сојузници од набавка на кинеска опрема од Хуавеи во развојот на својата супер брза мобилна мрежа 5G.

Во пресрет на кинеско-американската трговска војна, која може да прерасне во нова Студена војна, американскиот претседател предупредува на безбедносна закана, обвинувајќи ја кинеската компанија дека е алатка за шпионажа во корист на Пекинг.