Помпео: Русија и Кина „имаат крв на рацете“ за ветото за помош во Сирија

5

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека Русија и Кина „имаат крв на рацете“, поради ветото кое го ставаат на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, со која за една година би се продолжила прекуграничната испорака на хуманитарна помош во Сирија.

Помпео во изјавата од 21 декември вели оти „нема замена“ за испораките од кои вели дека се хранеле милиони Сиријци.

Кина и Русија на 20 декември ги искористија своите права на вето за блокирање на резолуцијата, која беше поддржана од другите 13 членови на советот.

Рускиот контра-предлог за продолжување на обезбедувањето помош за Сирија за шест месеци, не успеа да го обезбеди потребниот минимум од девет гласови.

Русија е близок сојузник на сирискиот претседател Башар ал-Асад, чии сили се ангажирани во граѓанската војна во земјата која започна во 2011 година.

Поголемиот дел од помошта треба за заврши во делови кои не се контролирани од силите на Асад.

Обединетите нации се вклучени во испораката на помош за милиони Сиријци од 2014 година. Сегашниот мандат за испорака на помош истекува на 10 јануари.