Помпео следната недела во Централна и Источна Европа, тема и кревката состојба на Балканот

21

Американскиот државен секретар Мајк Помпео следната недела ќе ги посети Централна и Источна Европа на разговори околу напорите за сузбивање на влијанието на Русија и Кина и распоредувањето на американските трупи.

Стејт департментот вчера соопшти дека за време на еднонеделната турнеја Помпео ќе ги посети Чешка, Словенија, Австрија и Полска.

Ова ќе биде само трето негово патување во странство од избувнувањето на пандемијата на коронавирусот.

Помпео кратко го спомна патувањето на прес-конференција во средата, велејќи дека сите земји што ќе ги посети почнувајќи од вторник им се „големи пријатели на Соединетите Држави“.

Пентагон се подготвува да премести илјадници американски војници од Германија, а некои ги сели во Полска. Ова предизвика голема загриженост во Европа и на други места, бидејќи администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп наведе контрадикторни причини за тоа, од антипатија кон германското раководство, до стратегиско планирање.

Помпео, исто така, се очекува да ја изрази загриженоста на САД поради тоа што некои земји, особено сојузниците на САД во НАТО, му овозможуваат на кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеи“ пристап до своите 5Г-мрежи, како и загриженост поради европската зависност од руските енергенси.

Во Прага Помпео ќе се сретне со претседателот Милош Земан и со премиерот Андреј Бабиш, за да разговараат за соработката во нуклеарната енергија и „напорите за борба против злонамерните активности на Русија и комунистичката Кина“, се вели во соопштението. Во Плзен Помпео ќе присуствува на одбележувањето на годишнината од акцијата на американските трупи со која на крајот на Втората светска војна беше ослободена западна Чехословачка.

Енергијата и кревката политичка состојба на Балканот ќе бидат главната тема на разговорите на Помпео со словенечките власти во Љубљана, каде што се очекува да даде изјава за безбедноста на 5Г-мрежите заедно со министерот за надворешни работи Анже Логар, соопшти Министерството.

Во Виена Помпео ќе се сретне со австрискиот канцелар Себастијан Курц, на разговори околу трговските односи и регионалната безбедност.

Помпео во Виена ќе разговара и со шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија на ООН, која е надлежна за следење на придржувањето на Иран до нуклеарниот договор од 2015 година, од кој САД се повлекоа.

Во Варшава Помпео планира да разговара со полскиот претседател Анджеј Дуда, кој неодамна беше реизбран со мала предност по жестоката кампања што се фокусираше на човековите права.