Поради коронавирус: Ракометни средби од Лигата на шампиони и ЕХФ Купот ќе се играат без публика

6

ЕХФ излезе со ново соопштение по новите случувања со коронавирусот и ширењето на истиот во Европа. Како што најавија пред некој ден постојано се следи состојбата во земјите каде што се играат натпревари под нивна капа.

„Натпреварите чии домаќини се дански екипи ќе се играат пред празни трибини. Станува збор за дуелот од женската Лига на шампиони меѓу Есбјерг и Мец, како и двата дуели меѓу Оденсе – Лада и Хернинг – Глорија во ЕХФ Купот, сите се играат во недела.

Европската ракометна федерација продолжува да ја следи состојбата поврзана со коронавирусот ширум Европа и го сфаќа развојот многу сериозно.

Бидејќи здравјето на тимовите и нивните играчи и персонал, на службените лица и навивачите е главен приоритет, Европската ракометна федерација останува во близок контакт со релевантните национални и европски власти, како и со нејзините клубови и федерации за координација и за собирање на релевантни информации“, се вели во соопштението на ЕХФ.

Мечевите од машката Лига на шампиони не се толку далеку, останува да видиме дали ќе има нови промени во однос на публиката, што пак би било голем пораз за сите.