Поради непочитување на мерките против короната, Чешка воведува полициски час

13

Чешката влада одлучи да воведе полициски час од 21 до 5 часот наутро од среда до 3 ноември, поради неефикасноста на мерките со кои се обидува да ја врати под контрола пандемијата на ковид-19, освен за одење на работа и прошетка со домашни миленици до 500 метри од куќата.

Фото: ЕПА
Делумно е ограничено и движењето во текот на денот, кога владата бара од Чесите да одат на работа и дома, евентуално во купување на неопходните потреби за себе и за членовите на семејството.

„Ситуацијата е мошне комплицирана. Засега не гледаме пад на заразените, кој го очекувавме деновиве. Воведените мерки имаа само мал ефект. Мерките што функционираа во првиот бран сега се неефикасни и се приближуваме кон бројките што го загрозуваат капацитетот на чешкиот здравствен систем“, рече на прес-конференција по седницата на владата министерот за здравство Роман Примула.

Примула беше сменет минатата недела бидејќи самиот не ги почитуваше мерките што им ги воведе на Чесите и отиде на состанок во ресторан што со владина наредба требаше да биде затворен, а и не носеше заштитна маска на улица. Тој сега чека да биде заменет до новиот министер и рече дека сегашните мерки не функционираат затоа што Чесите не сакаат да ги почитуваат.

„Може да има дури 500.000 заразени лица во Чешка. Друг негативен фактор се големиот број кластери од постари лица“, рече Примула, објаснувајќи зошто владата ги заострува мерките.

Владата, исто така, донесе одлука во недела цел ден да ги затвори дуќаните, а другите денови да затворат во 20 часот, пазарите од четврток ќе бидат затворени, освен зелените, компаниите имаат обврска да ги пренесат да работат од далечина од дома сите вработени што можат.

Чешката влада воведува полициски час првпат од почетокот на пандемијата пролетва, а на тоа ја принуди дневниот пораст на бројот на новоинфицирани лица од над 15.000 лица минатата недела и во просек околу 100 мртви ковид-пациенти на ден. Построги мерки се воведени и затоа што минатата недела во просек имаше над 1.600 стари лица меѓу новозаразените, а Министерството за здравство одлучи да ги тестира сите во домовите за стари лица.

Министерот Примула предупреди дека полицијата ќе контролира како се почитуваат мерките и дека секој што ќе биде запрен за време на полицискиот час надвор од куќата ќе мора да докаже каде оди и каде работи.

„Мерките се доволно строги. Растојанието од куќата не е толку важно. Кај шетањето кучиња, јасно ни е дека може да се злоупотреби“, рече Примула.

Во Чешка, земја со 10 милиони жители, од почетокот на пандемијата 263.572 лица се заразени со ковид-19, досега починале 2.337 лица, активни случаи има 162.866, додека во болниците моментално се наоѓаат 5.613 ковид-пациенти.