Поранешниот битолски градоначалник Талески доби 8 години затвор за злоупотреби со ученичкиот превоз

Поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, е осуден на 8 години затворска казна во случајот „Транспортер“ поради злоупотреба на службената положба во врска со организирањето на превоз на ученици во Битола, пресуди скопскиот Кривичен суд, пренесе 360 Степени.

4

Покрај Талески за виновни се уште 20 други лица, кои добија затворски или условни казни. 6 и пол годишна затворска казна доби раководителот од Општина Битола во времето на мандатот на Талески, а од 2 до 3 години затвор добија управителите на фирмите за превоз.

Меѓу оние со условна казна се наоѓаат осум поранешни директори на основни и средни училишта во Битола и дел од раководителите на фирми.

Според обвинението, сега веќе осудените лица се товареа дека во постапките за организирање ученички превоз го оштетиле општинскиот буџет за околу 360 илјади евра.

Покрај затворските казни, според пресудата предвидена е и конфискација на имот од фирмите во износ на направената штета.

Ова е првостепена одлука на Кривичниот суд, а странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје.