Почина академикот Ѓорѓи Филиповски

8

Академик Ѓорѓи Филиповски, еден од тројцата тројцата основачи на Македонската академија на науките и уметностите почина денес на 100 години. Академик Филиповски, заедно со академиците Блаже Конески и Харалампије Поленаковиќ, биле тројцата членови на првата комисија задолжена за формирање на МАНУ. Институцијата е основана на 23 февруари 1967, а прв претседател бил Конески.

Академик Филиповски важи за основоположник на современите педолошки истражувања во земјава. Неговите најзначајни активности од наставно-научната и општествена дејност се и сведоштво за почетоците на формирањето на првите високообразовни институции во земјава како Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Земјоделско-шумарскиот факултет, МАНУ.

Во мај годинава, МАНУ со голема свеченост ја одбележа 100-годишнината од неговото раѓање.
Витален и луциден, со шеги на своја сметка за годините, академик Филиповски стоечки, без подготвен говор говореше за почетоците, за историјата, и не заборави никого за да се заблагодари.

„Често ме прашуваат во што е тајната на долгиот живот. Јас не сум стручњак за тоа, но еве ќе ви го кажам моето искуство. Пешачам, многу ги сакам планините, си го уредувам дворот. Порано имав и кајче но ми го украдоа, па сега само пливам. Не живеам со гнев и инает. Мозокот е орган како и секој друг и ако не се одржува ќе закржлави. Јас секој ден читам“, рече академик Филиповски.

„Жалам што само јас останав од првиот состав од МАНУ. Јас сум најстар академик, вториот е шест години помлад од мене, а третиот 11 години. Им посакувам да сторат гајрет, да ме стигнат и надминат“, кажа тогаш академик Филиповски.

Роден е во 1919, во село Сорович, Леринско, Егејскиот дел на Македонија. Основно училиште и гимназија завршува во Битола. Студира агрономија во Земун (1937–1941) и дипломира во Софија (1942), каде што останува до 1944 како асистент по педологија. По ослободувањето е шеф на Отсекот за педологија и агрохемија на Земјоделскиот испитателен институт (1944–1947). Најмлад наставник во првиот наставнички совет на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје (од 1947), каде што е и пензиониран како редовен професор. Докторирал во Земун со тема за солените почви на Овче Поле. Бил на студиски престои (по 6 месеци) во Франција и во САД. Основач е на Катедрата по педологија и агрохемија и повеќе децении бил нејзин шеф. Бил продекан и декан на Факултетот, како и ректор на Универзитетот по земјотресот и негов обновувач. Бил научен секретар на МАНУ во првите осум години по основањето, а потоа во три мандата и потпретседател.

Тој беше почесен доктор на Универзитетот во Брадфорд (Англија) и надворешен член на Академијата на науките на Босна и Херцеговина. Предавал на постдипломските студии во Скопје и во Белград. Бил визитинг-професор (една година) во Калифорнија и повеќе години држел предавања по педологија на меѓународните постдипломски студиуми од областа на медитеранското земјоделство во Италија (Бари) и Грција (Крит) каде што бил избран на меѓународен конкурс. Автор е на 19 монографии, меѓу кои и тие за деградацијата на почвите на Македонија, за класификацијата на почвите на Македонија, за климатско-вегетацископочвените региони. Благодарение на него и на неговите соработници, почвите на Македонија се едни од најистражените на Балканот. Неговиот учебник по педологија доживеал 4 изданија (1968– 1993). Има напишано и два терминолошки речника во издание на МАНУ (педологија, агрохемија).