Просечната пензија во 2020 година ќе изнесува 15.500 денари

3

Зголемувањето на пензиите од јануари следната година е резултат на годинашниот пораст на приходи во Фондот за пензиско и инвалидко осигурување од придонеси од 10 отсто, на минималната плата од 15,9 отсто и на просечната плата од 5,7 отсто, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на денешната прес-конференција.

– Тоа ни укажува дека наредната година можеме пензиите да ги зголемиме за 5 отсто и на тој начин добиваме 700 денари. Тука не ја елиминираме индексацијата растот на пензиите да ги следи економските параметри. Најниските пензии до 12.000 денари ќе пораснат од 5,8 до 7,8 отсто, додека кај повисоките пензии порастот ќе биде 1,8 до 5,8 отсто. Правиме нивелација на пензиите – рече Царовска.

Таа појасни дека сите пензионери со јануарската пензија ќе добијат зголемување од 700 денари кое заедно со двете усогласувања кои ќе се случат следната година ќе достигне до 900 денари.

Просечната пензија следната година, како што рече Царовска, ќе достигне 15.500 денари.

Во 2020-та година, една милјарда евра ќе се одвојат за пензии, а зголемените пензии ќе чинат околу 50 милиони евра.

Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионерите Станка Трајкова изразизадоволство што биле послушани барањата на пензионерите.

– Предложивме при усогласувањето на висината на пензиите да се земе и порастот на платите бидејќи тоа е во насока на подобрување на стандардот на пензионерите и нивните семејства, тоа го добивме и сме задоволни што е така – рече Трајкова.

Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување Шаип Зенељи рече дека реформата на пензискиот систем со која се зголеми придонесот за 0,5 отсто дала резултат во подобрување на буџетот на Фондот и вкупните приходи пораснале за 10 отсто во текот на оваа година.