Протече новиот албум на Бијонсе: Веќе се продава во Европа, никој не знае кој го пуштил

1

Новиот албум на Бијонсе, кој требало да биде објавен денеска на полноќ, протече во јавноста.

Сè уште не е познато што всушност се случило и како е можно овој проект да е пуштен во етер, но тој веќе може да се пронајде на Интернет, додека CD-њата се продаваат во Европа, наведува „Variety“.

Седмиот студиски албум на пејачката го носи називот „Renaissance“, а на него работела една и пол година, заедно со многу соработници.

Бијонсе со голема жар го најавуваше овој албум, а минатиот месец потврди дека ќе биде објавен на 29-ти јули. Тогаш ја откри и насловната фотографија на албумот, на која седи на стаклен коњ.

„Создавањето на албумот ми овозможи место за сонување и пронаоѓање бегство во ова ужасно време за светот. Тоа ми овозможи да се чувствувам слободно и авантуристички, во време кога не се случуваа многу работи“, изјави тогаш Бијонсе.

„Мојата цел беше да создадам безбедно место, место без осуди. Место без перфекционизам и претерано размислување. Место за врескање, ослободување, чувство на слобода. Тоа беше прекрасно патување.

Се надевам дека ќе пронајдете радост во оваа музика и ќе се чувствувате уникатно, силно и секси, какви и да сте“, истакна во таа прилика Бијонсе.

Популарната пејачка зборувала за работата на албумот за време на интервјуто за „Harper’s Bazaar“ минатиот август, кога рекла дека процесот на снимање бил многу напорен.

„Во студио сум година и пол. Понекогаш ми треба една година да пребарувам илјадници песни за да ги најдам вистинските“, рекла пејачката и потврдила дека сè уште сака да создава музика и дека со задоволство работи на нов материјал.

„По 31 година се чувствувам еднакво возбудено како кога имав девет години. Да, музиката доаѓа“, изјавила Бијонсе.

Новиот албум на Бијонсе има 16 нови песни, а во него соработувала со неколку уметници, меѓу кои и нејзиниот сопруг, раперот Џеј Зи.