Рама: Договорот и анексот за имплементација официјално да бидат вклучени како составен дел во процесите за членство на Косово и на Србија во ЕУ

2

Албанскиот премиер, Еди Рама, реагираше за текот на процесот на дијалог меѓу Косово и Србија, потсетувајќи на суштинското значење на имплементацијата на Договорот и анексот за спроведување.

– Како што се приближуваме до состанокот на Европскиот совет на 21 март, од суштинско значење е да се потсетиме дека имплементацијата на Договорот за патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, заедно со неговиот анекс за спроведување, е од големо значење за одржување на безбедноста, стабилноста и мир на Западен Балкан, објави Рама на платформата Икс.

Според него, за да се успее во овој процес, Договорот и Анексот за имплементација мора да бидат „официјално вклучени како составен дел на соодветните процеси за членство на Косово и Србија во Европска Унија“.

Исто така оценува дека „не е доволно само тоа што Договорот е правно обврзувачки“.

– За да се обезбеди напредок, Договорот и Анексот за спроведување треба да бидат формално вградени како дел од соодветните процеси за членство на Косово и на Србија во ЕУ. Секое одложување во тоа само го зајакнува статус квото. А статус квото во врска со овој стратешки клуч за мирно, просперитетно и европско соседство среде Европа не и служи на безбедноста на самата Европа, наведе Рама