Ројтерс: Трамп ја менува стратегијата во намера да остане на власт

17

Кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да ги наговори републиканските законодавци да интервенираат во државите во кои победи неговиот демократски ривал Џо Бајден, јавува Ројтерс повикувајќи се на три извори.

Новата стратегија се спроведува дури и во Џорџија која речиси го заврши мачното броење на гласовите, и се очекува да ја потврди победата на Бајден.

Бајден во изборниот колегиум кој го одредува победникот на изборите добри 306 електорски гласа, што е значително над потребните 270 за победа, додека Трамп доби 232 гласа.

Во вчерашната изјава, откако Трамп им се јавил на 10 гувернери на држави, Бајден го нарече неговиот обид за свртување на резултатот „целосно неодговорен“.

„Испраќа ужасна порака за тоа кои сме ние како земја“, кажа Бајден, иако не изрази загриженост дека тој потег ќе успее да го спречи да ја преземе должноста на 20 јануари.

Трамповата кампања поднесе најмалку девет тужби со кои се оспоруваат резултатите на изборите од 3 ноември. Судија во Аризона вчера ја одби намерата на Трамп да ја блокира таа држава да го потврди тамошното броење на гласовите.

Висок функционер на кампањата на Трамп изјави за Ројтерс дека планот е да се фрли доволно сомнеж на резултатите во клучните држави за да се наговорат републиканските законодавци да интервенираат и да именуваат свои гласачки листи.

Иако правните експерти сметаат дека обидот на Трамп веројатно нема да успее, тие велат дека стратегијата претставува напад на еден претседател на САД без преседан врз демократските институции на својата земја.